Првиот програмер во светот
Колку и да се занесуваме дека живееме во машки свет, понекогаш едноставно фактите зборуваат пред егото, па застануваат во одбрана на полот кој многумина го сметаат за инфериорен (ги жалам таквите). Професионално, во светот на програмерите и IT генерално, жените се сметаат за помалку професионални, со помала страст во пристапот на работата, а најлошо од сѐ во најголем дел случаи тоа е заради нивниот став дека машките глави на теми поврзани со технологија размислуваат многу подобро за разлика од нив. Тоа е поразителниот факт за нив. Непостоењето на нивната професионална тврдокорност. Од друга страна пак, за нив навива еден аргумент кој никој од машката програмерска популација не може да го побие, затоа што така нѐ учат на факултетите и пишува во книгите – првиот програмер во светот бил жена. Ада Лавлејс (Ada Augusta Byron), или ќерката на познатиот Лорд Бајрон.
Денешната техно-панк генерација која за жал сѐ уште не може да го сфати концептот на приватност, безбедност и дуплирање на идентитетот впрочем не ни заслужува да се нарекува техно-панк генерација. Своевремено, во развојот на тоа што авторот сега е (професионалец under construction), постоеле заедници кои преку своето знаење успевале да навлезат во порите на општеството и да допринесат голем дел од светското технолошко помодарство го презентираат во нашето општество. Од друга страна биле политичарите, кои потпишувале договори со компании од рангот на Мајкрософт и други кои пак неумешно имплементирале проекти од областа на слободниот софтвер за кој никој не кажал статус и степен на постигната реализација или, не дај боже, успех. Не е ништо страшно од тоа, страшна е проблематиката со која луѓето денес се бават и зависат од нешто толку нестабилно како технологијата, а не обраќаат внимание на она што секојдневно ги опкружува. Вадиме пари од автомати, 8 часа од денот ни поминуваат пред компјутери, по болницате нашите резултати зависат од компјутерските анализи, итн. до ниво на најави за електронско гласање преку кое секој регистриран потенцијален гласач својот глас на избори би можел да го даде преку Интернет. Но никој не се прашува зошто работите се такви какви што се. Земете го за пример образованието. За време на претходните гарнитури беа потипишани милионски суми со договори од кои никој од обичните граѓани не виде фајде. Ама некој виде. Потоа дојдоа на ред другите, ги натераа професорите преку ноќ да почнат да одржуваат компјутерски предавања на часови какви што се Биологија или Историја, без воопшто да се разгледа ситуацијата во случај кога се работи за професор без никакво технолошко образование. Едноставно некои луѓе не знаат да работат на компјутер, факт. И не само тоа, туку и ги натераа да користат оперативен систем кој е различен од тој што претходно го користеле.
Јас лично како поддржувач и активист за промоција на слободен софтвер сето тоа го наоѓам смешно. Не е дека не поддржувам вакви проекти, напротив. Се работи за еден зомобифициран проект од кој не може да произлезе квалитетна слика за тоа што се може да се добие со користење на слободниот софтвер. Дали тоа е тактика која се крие во сузбивањето на можноста за понатамошно контролирано исфрлање на моделот на слободен софтвер во образованието, останува да шпекулираме. Се додека не излезе министерството за образование и ни објасни, што впрочем се постигнува со новото потпишување на договор (од 10.02.2010г.) меѓу Мајкрософт и МОН. За какво учење ќе партнерствува Мајкрософот со установа која ја плаќаме сите ние? Нели е апсурден до ниво на контрадикција, фактот повторно да се потпушуваат договори со компанија која ги повикува учениците да не ги споделуваат своите дела со другите, туку да им наплаќаат за нивно користење, во време кога целото образование е во еден транзиционен период на премин од неслободен кон слободен софтвер? И секако, зошто на сајтот на МОН сѐ уште нема објавено никакви информации за ова партнерство и елаборирано до детали? Едноставно, процесот на учење треба да биде транспарентен. Затоа што утре ќе се појават батулиња со актовки кои ќе инсталираат софтвер на машините за гласање кој нема баш да знаеме што прави затоа што го следи бизнис моделот на Мајкрософт. Тоа би било аналогно на пуштање на апарат за одржување на дишење кај болен човек – без да знаеме што впрочем се случува. Па би се надевале, најверојатно ќе преживее.
Ама ќутете… работите тргнуваат на подобро. Скопје ќе се гради во барокен стил. Одиме 300 години назад, па жени навалете – можеби некоја од вас ќе биде првиот програмер во новата ера на коњите и спомениците кои се темелот на секоја технолошка гранка, па да видите после како Бајрон како пропелер ќе се врти во неговиот гроб – вечна му слава.


Leave your response!