Растурена спална соба
Зошто по ѓаволите некој би сакал да живее во растурена просторија? Уште повалидно прашање би било зошто некоја жена би сакала да спие во растурена спална соба и чорапите на мажот ѝ да и висат над глава? Мислам.. зошто побогу? Концептуално ако тргнам да објаснувам што сѐ стои зад овие прашања, би можел да одам до недоглед. Затоа ќе се задржам на факт кој ретко кој во Македонија го елаборирал и јавно се произнел по тоа прашање. Големата преселба на IT професионалнците од помалите градови го големиот валкан град по цена на добивање квалитетна кариера и квалитетно отрфлање на секаква идеја за „домаќинлук“.
Проблемот овде не лежи во централизирањето на ресурсите и инфраструктурата само во главниот град. Тоа ти е, земјата е мала, не е којзнае што од земја па за да можеме да се спореудваме со Словенија или пак Австрија (скраја да е!). Тоа е тоа, градови како Битола, Охрид или Струмица би можеле проблемот на тие кои завршуваат технички факултети во нивните градови да го решат со 2-3 фирми со вработени до 100 души. Тоа би оформило квалитетно јадро на професионалци кои нема да го напуштат својот град, нема да прават дополнителен терет на „метрополата“ која и онака не може да си ги искрепи своите жители. Искрено, другите професии многу не ме интересираат. Ниту ги потценувам, ниту ги фаворизирам. Си ја сакам својата професија (информатичар) и не отстапувам од мојата одлука. Арно ама ме чудат работи кои, работејќи во корпоративна средина, во огромна (за наши рамки) фирма, секојдневно ги согледувам и сфаќам.
Ако земете во предвид дека една голема фирма во Македонија, составена од Х вработени, се состои од Х/2 вработени кои не се од градот каде што се наоѓа фирмата, тогаш може слободно да го поставите прашањето зошто во другите градови низ земјата постојат технички факултети кои обучуваат млад кадар за да биде IT професионалец? Зошто де? Зошто просечен студент од Битола кој завршил на факултетот за информатика, има веројатност да најде работа во истиот град од 1%? (впрочем мора да ја пофалам Битола во оваа насока. Има само една фирма која вработува програмери, па веројатноста за вработување во овој град е 100%, честитки!). Не ни сакам да споменувам дека и во случај кога квалитетен човек би сакал да работи во друг град, едноставно социјалните и материјални можности му се огрнаичени што тој не е способен да го направи ни првичниот чекор, да се пресели од еден град во друг, за оттаму да може да живее нешто посолиден живот и да се изгради професионално и самостојно. А секако, информатичките технологии од вас нема да направат професионалец ако почнете да работите како препродавач на компјутерска опрема, ниту пак ако од дома си се тупате во гради колку сте добар како професионалец, без осет за тоа како изгледа да се работи во една голема компанија од светски рамки.
Да се биде дел од општеството лично мене не ми значи многу. Денес луѓето се плашат да кажат што мислат и чувствуваат стравувајќи дека ќе ја изгубат работата или ќе биде крената постапка против нив за издавање на деловни тајни од подземјето на местото каде што работат. Во Македонија, оние кои треба да го компајлираат општеството се дудуци – студентите. Телиња. Па не ни очекувам дека тој правец и начин на размислување ќе се смени кога ќе одат во корпоративна средина каде секој втор со вратоврска и костум може да ви се прави Mr. Musculo само поради вокацијата која некој му ја залепил.
Корпоративните средини во Македонија, во фирми кои бројат повеќе од 50 вработени не се ништо поразлични од спалните соби на валканите и мрзливи жени. Се брка време, наместо квалитет. Исто како кога на „трондлава“ жена му се најват гости за во 19ч. таа до 18ч. ќе ги јади пилешките прсти оптегната пред телевизор, за потоа сите расфрлани ствари да ги „набапка“ во шифоњерот и да создаде привидна слика на средена просторија. Гостите ќе дојдат и ќе си одат и ќе зборуваат, „види, види, шо ти била Паца педантна“. Курсот нема да се смени за скоро. Впрочем овој курс ве очекува и вас кои привршувате со образованието.
{{оригинално колумната е објавена на 09 март 2010 во „Нова Македонија“}}


Leave your response!