Home » Колумни, Нова Македонија

txt: Нова Македонија – Грди Злобни пирати – 29/03/2010

29 March 2010 No Comment

Замислете, некој актовкаш да се појави да каже дека „дедур“ (Д-дур) е негов. И замислете да докаже дека некој друг акорд што се користи за создавање музика е негов. Тогаш ќе бидам среќен да ги гледам сите сиромаштии на македонската сцена, кои постојано кукаат нивните албуми да не бидат крадени и „омаловажувани“ на Интернет, а кои ги кријат невешто зад издавачките куќи кои и онака им ги земаат парите и како на кучиња им фрлаат мал процент од продажбата. Толку треба, само еден глупчо да се појави со прстен и златен синџир и документ. Да не беше пиратеријата ние бе, ко што сме прости ќе останевме не прости, неписмени. Ај нема да генерализирам, нека важи тоа само за мене, затоа што проблемот со моето спознавање на музиката или филмовите, верувајте никогаш не дошло од тие кои издаваат и продаваат оригинали. Немаше да го знам мојот омилен бенд – „Пинк флојд“, ни „Архангел“, ниту ќе знаев да користам Офис, ни Корел ни сé што нé учеле на пиратските копии по школите во кои завршив. Ниту пак, батките кои рипаат на концертите на Пол ван Дајк ќе имаа слушнато за него, ниту за Тиесто ниту за редица други музичари чии концерти ги посетиле и на тој начин придонеле и им кажале благодарам за музиката што ја создавале. Впрочем, ниту Пол ван Дајк ќе знаеше за Македонија ако не постоеше пиратерија. Кога веќе луѓето не сакаат да го направат конкретниот чекор кон ослободување на знаењето, музиката и уметноста и да ја стават на Интернет (таму каде што книгите сигурно би траеле повеќе во 1939 година кога би постоел Интернет отколку да стои затворена во берлинската библиотека) практично нашите авторитети треба да агитираат за што помасовно прифаќање на пиратеријата во Македонија. На тој начин ќе се шири зборот за повеќе артисти кои ќе нé посетуваат. Така ќе дознаваат за Македонија и ќе раскажуваат за земјава во странство. Оп инвестиции. Оп забава и поголем број емпетројки по глава на гласач. Тоа е навистина благороден и патриотски модел за развој на земјата. Истото важи и за софтверот и софтверските компании.

За среќа во Македонија ја имаме надарената БСА, агенција лева рака Мајкрософтова. А бе, ко две сестри се. Ветер ќе дувне, БСА проверува дали е легален, дали е лиценциран, платен, оданочен, одобрен… И покрај неколкуте обиди своевремено кога бев активен по овие прашања околу лиценцните модели и развојот на слободната култура во Македонија силно се обидував да допрам до оваа институција и да добијам некои одговори. Не успеав. Сигурно увиделе дека имејлот од кој им испраќам пораки не е лиценциран. Или биле презафатени со некој си Трајче, кој продавал краставици на локалното Зелено пазарче, па го казниле затоа што неговата гладна ќерка не инсталирала легален софтвер на компјутерот за фискални сметки на тезгата. Е па, опасни се овие пиратите во Македонија. Можеби немаат пари за леб, ама ќе си најдат пари за легален софтвер и музика! Парадоксалноста е уште поголема ако се земат предвид тековните процеси за воспоставување врска со светот, демек Интернет, на луѓето на цела територија на Македонија. Од една страна на луѓето им даваш моќна работа како Интернет, а од друга страна им велиш – ќе користиш сé што јас ќе ти кажам, и тогаш кога ќе го платиш ќе се сложиш дека впрочем не е твое, туку дека ти е дадено на користење. Пиратите, со нивните грди лица, злобни маски и дрвени нозе веднаш ќе се сложат со тоа. Ќе си заминат од плоштадите каде што продаваат музика и филмови и ќе одат да сурфаат на нивните легални софтверчиња слушајќи легална и одобрена музика.

Не повикувам на користење и практикување пиратерија поради фактот што истата појава во Македонија е казнива со закон. Но факт е дека многу треба за да се смени мислењето на луѓето околу она што денес се толкува како штетна и злобна појава во македонското општество. Верувајте, и тие кои се задолжени за овие кампањи и нивните нарачатели од редот на голем број компании-великани, користат пиратски софтвер, слушаат/гледаат симнати од торенти музика/филмови. И тоа не би требало да вознемирува никого. Тоа е само показател за грешноста на пристапот кон борбата со пиратеријата. Па, нели треба да ги учиме децата кога ќе одат во училиште и кога ќе извадат јадење, да го споделат со другарчето? Музичарите создаваат музика за која ќе платам кога ќе ја изведат пред мене, дотогаш ќе ја поддржувам нивната музика со ширењето на зборот за нивниот квалитет и посетување на нивните концерти по небитно која цена на влезница само ако за ова претходното не цимолат како тажалки.

Post to Twitter Post to Delicious Post to Facebook Post to Reddit

Leave your response!

Add your comment below, or trackback from your own site. You can also subscribe to these comments via RSS.

Be nice. Keep it clean. Stay on topic. No spam.

You can use these tags:
<a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

This is a Gravatar-enabled weblog. To get your own globally-recognized-avatar, please register at Gravatar.