Раскази
Имам напишано неколку ствари кои би сакал да ги објавам. Имам напишано и куп други интимни работи кои непара ми се објавуваат, затоа што се премногу лични. Расказите за кои следува збор-два може да ги читате, споделувате и сите нишани кои се пропишани во соодветните лиценци кои се наоѓаат на почетокот на PDF датотеките од расказите. Критика генерално не прифаќам за тоа што јас го пишувам затоа што не ми е гајле дали на некој му се допаѓаат или не, не ми е мене тоа примарна работа да бидам писател. Само обид. Успешен или неуспешен, не е важно. (клик на сликите за симнување на PDF датотеките).
Таболин
Таболин се бави со псеудо психолошка тема низ призма на квази научна-фантастична форма. Се работи за создавањето и за важноста од сфаќањето дека создавањето е тешко, а разрушувањето лесно. Мора да кажам дека имав страшна инспирација за овој расказ од мојата психолошка транзиција и созревањето на сфаќањето за смислата на животот. Совеста некогаш ќе ни тропне на врата целата облеана во крв. Ние ќе треба да ја излечиме. Оценка од жири на фестивалот за проза и романса во Херцег Нови – 14/10. Не бе.. расказот е тежок за сфаќање. И напишан од 21г. човек.
Здив
Здив е скромен и болен обид да се елаборира мојата идеја за постоењето на животот во секој човек. Не се зборува за птиците и животните, за инсектите и вирусите, се зборува за луѓето. Човекот може да слуша биење на нечие срце постојано, но звукот на дишењето на луѓето што ни значат можеме да го слушаме се додека живеат. И треба да се радуваме кога слушаме како некој диши. Само така знаеме дека се живи. Животот секогаш се открива тогаш кога најмалку очекуваме. Сега, во овој момент очекувам тој да се открие со целата негова светлина. Затоа тоа и нема да се случи. (напишано на 4ти јуни 2008г.)
Земјотрес
Овој расказ is all about sex. Кој како ќе го сфати додуше. Еве еден извадок: „Низ вратата од полу распаднатиот балкон влегоа две мали деца опкружени со аурична силно сина светлина, не газејќи по подот. Едното се насмевна и ги покажа своите обетки, другото машки се намурти кон парот на вратата. Девојчето тогаш го подбуцна машкото и тоа од неговиот лев џеб извади убаво големо лижалче од зелено јаболко, кое се чинеше дека некој веќе го лижел пред тоа па потоа лепливо го завиткал за покасно. Девојчето го фати со рачето и невино му се смешкаше на момчето, а тоа ја турна на рамото и ѝ покажа кон лижалчето м-млајќи. Таа учтиво, без да сака да ја скине фолијата со која беше обвиено, го отпакуваше.“.
Сина Крв
Мојот омилен расказ за кој на 7ми септември 2008г. сум напишал „Колку би бил помирен светот кога би владеела една раса. Така функционира сѐ во природата. Послабиот умира, појакиот секогаш победува. Синџир на развојот, сѐ додека не се достигне врвот на еволуцијата и совршената раса не завладее со светот. Тогаш ќе биде апсолутен мир. Тогаш ни дрвјата ќе дишат, ниту луѓето ќе плачат.“

