Знам, и јас правев така
И мене ми велеа дека протестирам за подобро утре. И јас бев теле и ме молзеле. Излегував на улица без да знам зошто и што е лошото во тоа што треба да се воведува настава на албански во Гимназијата во Битола. Не знаев дека се движам во колона на фашисти и националисти, стоев во толпата горд дека ја поддржувам мојата нација и земја. Ама појма немав ни зошто ни како го правам тоа. Возрасните гордо не гледаа и сигурно беа надуени што испородиле такви синови македонски. Знам што сум направил затоа што и јас правев така. Верував на микрофоните и на тие кои денес се инфилтрирани по фотељите верувајќи дека таму стигнале не умилкувајќи им се на нивните богови од партиите. Протестиравме против цела нација и по „Широк сокак“ викавме „Смрт за Шиптари“ и „За шиптари гасна комора…“. Најлошо е што се движев во толпа од редица постари другари кои не ми кажаа дека тоа што го правам ќе предизвика војна. Никој од возрасните не го застана решителниот 17 годишен младич да му каже дека повикува на крв.
Една години подоцна се случи војната во Македонија. И после се облекувавме во шарени алишта и со гитари свиревме во парковите и го прекршувавме полицискиот час. Џабе. Пак имаше полициски час. И кога ќе го отворев прозорот низ него не влегуваше мирисот на липа, влегуваше солзавец. Долго не бев свесен дека сум придонел за војната во Македонија. Сигурен сум дека ретко кој и е свесен.
Затоа, ви велам. Знам како се чувствувате. Дека утре ќе одите по плоштадите и ако треба за партијата и за Македонија ќе дадете 3 литри крв. Знам затоа што и јас правев така. Но тогаш немаше кој да ми каже дека ќе биде војна. Овојпат протестирате против оние чија раса ја сметате за почетокот на расите и нациите. Знам дека Ве лажат и дека се плашите, затоа што и јас правев така. До пред 2001ва. Потоа сѐ се смени.


Leave your response!